Полудефанзивецот Цеск Фабрегас изјави дека Челзи ќе има проблеми да го задржи Еден Азар следното лето, ако не се разбере со него за нов договор. Тимот од Лондон е подготвен да го направат Белгиецот најплатен играч во историјата на клубот, за да го убедат да остане на „Стемфорд Бриџ“. - Одлуката да не го продаваат беше лесна, особено сега, бидејќи во оваа фаза колку чини Еден? Не се многу тимовите во светот кои можат да го купат. Тој има договор за уште две години. Следното лето, кога останува една година од неговиот договор, ќе биде сосема поинаку. Немаш толку големо влијание како клуб. Азар е еден од најдобрите играчи во светот. Со две години од договорот и со ситуацијата на пазарот, беше практично невозможно некој да го привлече. Не мислам дека на клубот му беше толку тешко да го задржи, изјави Шпанецот, цитиран од медиумите на Островот. Азар уште еднаш ги демонстрираше своите квалитети вчера, кога влезе како резерва и донесе победа на Челзи со фантастичен гол за успехот со 2:1 против Ливерпул на „Енфилд“ во средба од третиот круг на Лига Купот. За него тоа беше седми гол во последните осум натпревари. Во јули, Белгиецот изјави дека можеби е време за промени, откако не криеше дека сака да се пресели во Реал Мадрид. Челзи соопшти дека нема да се раздели од него, а гигантот од Шпанија така и не упати официјална понуда.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/09/2018 19:53