Ги надминавме сите наследени проблеми и сега се забрзани активностите за изградба на втората делница од експресниот пат Градско-Прилеп и ќе ги запазиме роковите за градба, изјави министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, кој денеска изврши увид во градежните активности кај Фаришката клисура.
- Лани, кога овој пат имаше многу мал прогрес, наследивме голем број проблеми, меѓу кои пробивањето на тунелот, екпропријацијата и откриените археолошки наоѓалишта. Ги надминавме сите овие проблеми и сега изградбата на овој патен правец е сериозно забрзана. Во крајна фаза е предпроектирањето и наскоро ќе се потпише анекс-договор за да се забрза динамиката на активностите, изјави Сугарески.
Најави дека набрзо ќе се гради и третата делница од Прилеп до Ленишки мост и трета лента од селото Беловодица до Каменоломот, а потоа ќе се надоврзат и активностите за патот Прилеп-Битола и Битола-Меџитлија.
- Со тоа сметаме дека во најголема мера ќе го решиме овој проблем и согласно со роковите, за околу две години ќе биде комплетно завршен овој исклучително важен експресен пат за целиот Пелагониски регион. Средствата се обезбедени и е заокружена финансиската конструкција. Како надоврзување на овие активности, преку ЈП за државни патишта ќе биде објавен тендерот за проектирање за автопатското решение од Прилеп до Битола и за експресниот пат од Битола до Меџитлија, односно до граничниот премин со Грција. На овој начин сметаме дека за Пелагонискиот регион со околу 300.000 жители ќе направиме брзи и безбедни патишта и ќе бидат голем бенефит за граѓаните на регионот, рече Сугарески.
Според директорот на јавното претпријатие за државни патишта Зоран Китанов завршени се обемните геомеханички испитувања, а идната недела се очекува да заврши и ревизијата од Градежниот факултет.
- Станува збор за 11 двојни мостови за кои немаше геомеханички испитувања. Мостовите се двојни, што значи дел од патот ќе биде автопат во деловите на мостовите, а останатиот дел ќе биде експресен. Во даден момент, кога ќе се јави потреба, многу лесно целиот пат може да прерасне во автопат, изјави Китанов.
Експресниот пат Градско-Прилеп се гради во три фази. Првата фаза е Градско-Дреново во должина од 16 километри, втората е од Фариш- Дреново во должина од 10 километри, а третата од Прилеп до Ленишки мост и изградба на трета лента на делницата од селото Беловодица до Каменоломот во должина од 7,5 километри. Целиот пат од вкупно 33,5 километри е во вредност од близу 63 милиона евра.
Минатата недела, како што информираше директорот на јавното претпријатие за државни патишта, завршени се тендерите за рехабилитацијата на 32 патишта низ државата. Дел од активностите се почнати, а останатите ќе почнат за десет до петнаесет дена.