Можноста за взаемно признавање на електронските документи за идентификација од утре во ЕУ влегува во сила, соопшти Европската комисија.

На тој начин, граѓанин на држава од ЕУ, кој поседува таков документ, ќе може да користи административни електронски услуги онлајн во друга земја од Унијата. Олеснувањето ќе помогне во отворање банкарски сметки, запишување на универзитет, размена на податоци со државни и локални канцеларии.

Досега само Италија и Германија ја завршија соодветната процедура, која предвидува поднесување на апликација и оценка од ЕК на националните системи за електронски документи за идентификација. Хрватска, Естонија, Луксембург и Шпанија се во завршна фаза на признавање на документите на нивните граѓани.

Процесот е во рана фаза во Белгија, Португалија и Велика Британија.

Педесет и осум отсто од граѓаните на ЕУ користат електронски административни услуги.

Осумдесет и два отсто од административните услуги на ЕУ се нудат онлајн. За бизнисот, воведувањето на взаемно признавање на електронските документи за лична идентификација, ќе заштеди 11 милијарди евра годишно.

Комисијата наведува дека воведувањето на проверка на автентичноста на електронскиот идентитет може да биде корисно, вклучително и за поголема безбедност на Интернет. Предвидено е електронските документи - лични и банкарски картички, како и возачки дозволи - да се користат како средство за пристап до електронските здравствени картони и за поднесување пријави до даночните власти.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/09/2018 15:27