Претседателот на Германскиот фудбалски сојуз (ГФС), Рајнхард Гриндел не е задоволен од однесувањето на Месут Озил. Играчот од средниот ред на Арсенал по СП 2018 одлучи да го напушти Бундестимот, а потоа ги избегнуваше средбите со официјалните претставници на федерацијата и тренерот Јоаким Лев. - Мислам дека треба да градиме нови односи со Месут Озил. Се разбира дека му должиме признание и за помошта за освојувањето на Светското првенство, но тој исто така му должи почит на Јоаким Лев, прокоментира Гриндел. Германскиот играч од средниот ред не се појави на состанокот со селекторот и менаџерот Оливер Бироф, кој тие го иницираа. Лев дури дошол до базата на Арсенал, но Месут успеал да се скрие од него и таму. - Месут не беше таму. Прифативме дека тој не сака да разговара со нас во моментов. Не ги знам причините. Се разбира, би сакал еден играч со кого сум работел заедно толку долго време, да ми се јави дури и за минута. Јас очекувам Месут да го направи тоа, бидејќи бевме толку долго време заедно, изјави по тој повод селекторот на Германија.