Менаџерот на Тотенхем, Маурисио Почетино повторно ја искажа својата љубов кон Еспањол, во кој играше како фудбалер (2004-2006 година) и го водеше како тренер (2009-2012 година).
Во второто коло од групната фаза од Лигата на шампионите, „петлите“ ја пречекуваат Барселона. Тотенхем започна со пораз (1:2) од Интер, откако имаше водство до последните минути од натпреварот.
- Мојата приврзаност кон Еспањол отфрла секаква можност да станам тренер на Барселона. Имам вредности. Тоа е исто како Меси да отиде да играво Еспањол. Ме прашале многу, многу пати. Понекогаш зборовите ми се интерпретираат погрешно. Но, сега сакам да стане јасно. Мислам дека е невозможно да ја водам Барселона. Тоа е емоција. Градот Барселона го поврзувам само со Еспањол, изјави Аргентинецот.
Тој потоа го анализираше натпреварот кој е на програма утре од 21,00 часот.
- За многу наши играчи ова ќе биде важен натпревар. Минатата година игравме со Реал. Ќе се обидеме да се забавуваме во овој натпревар - натпревар во кој ќе игра најдобриот играч во светот - Лионел Меси. Фудбалот не е драма. Треба да останeме фокусирани и да се забавуваме против најдобриот играч, рече Почетино за средбата.
За овој дуел Почетино нема да може да смета на Деле Али, Кристијан Ериксен, Јан Вертонген, Серж Орие и Муса Дембеле. Голманот Иго Лорис сепак ќе биде подготвен и ќе застане на голот.