Предвидувањата на Светската банка за намалување на проектираната стапка на раст на македонската економија за тековната година за вицепремиерот задолжен за економски прашања Кочо Анѓушев треба да се гледаат и во контекст на политичките случувања во Македонија.

- Јасно е дека политичките случувања сериозно влијаат врз економијата во земјата и јас лично како задолжен за економија верувам дека Парламентот ќе најде сила да го реши проблемот, бидејќи приклучувањето кон ЕУ и НАТО значи безбедност, стабилност, но пред се значи економија, значи пристап кон претпристапните фондови, значи стабилност во економска смисла, изјави Анѓушев денеска во Охрид притоа истакнувајќи дека доколку не се оди на нови избори остануваат очекувањата за остварување на проектираниот раст на БДП од 3,2 проценти.

Што се однесува на забелешките околу слабата реализација на капитални инвестиции, Анѓушев не се согласува дека градежни зафати треба да се изведуваат по која било цена и непотребно трошење на парите на граѓаните.

- Тие пари треба домаќински да се трошат. Ако е потребно за тоа да изгубиме и неколку месеци, но проектите технички и финансиски да ги доведеме во нормална состојба. За целокупната македонска јавност сакам да појаснам дека она што е предвидено во буџетот за капитални инвестиции не е автопатот Охрид – Кичево. Тоа се средства наменети за одредени градежни работи, распределени во ресорните министерства, како и за набавка на опрема и машини. Патиштата и најголемите пари во државата за инфраструктура не се во буџетот, тие се во ЈП „Државни патишта“, во Македонски железници во инфраструктура за пругата кон Бугарија, во ЕЛЕМ за енергетски објекти, во МЕР за гасификација, во МЕПСО за далноводи. Тоа се главните градежни активности што државата треба да ги реализира во делот на инфраструктурата, а што ќе го зајакне градежништвото, рече Анѓушев.

Вицепремиерот заедно со претставници на Јавно претпријатие за државни патишта денеска извршија увид во текот на градежните активности околу изградбата на автопатот Охрид – Кичево.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/10/2018 14:53