Потенцијалите на економската соработка, особено во земјоделството и производството на храна, како и интересот на нашата земја за проширување и унапредување на соработката во сферата на енергетиката се приоритети кои премиерот Зоран Заев ги издвоил на денешната средба со новоименуваниот амбасадор на Руската Федерација во Република Македонија, Сергеј Баздникин.
Претседателот на Владата му посакал добредојде на амбасадорот Баздникин и истакнал дека очекува и тој, како и неговиот претходник, да продолжи со успех во извршувањето на неговата одговорна работа за унапредување на односите меѓу двете земји.
- Премиерот Заев и амбасадорот Баздникин се согласија дека треба да се поттикне работата на Мешовитата меѓувладина комисија за трговско-економска соработка за да се ефектуираат сериозните потенцијали на овој план. На средбата е изразено задоволство од досегашната соработка на планот на културата која и понатаму останува силна врска меѓу двете земји, изградена на традициите и на заедничките специфики на културните врски, соопшти владината прес-служба за приемот на новиот руски амбасадор кај премиерот Заев.
Амбасадорот Баздникин на средбата истакнал дека ќе ги вложи своите капацитети и досегашно искуство за да се остварат потенцијалите за соработка меѓу двете земји.