Сегашниот прв потпретседател на Европската Комисија од редовите на холандските социјалдемократи попладнево официјално ќе најави дека се кандидира за претседател на Европската Комисија, објавија медиумите.

Како што јави дописничката на МИА од Брисел, Тимерманс веќе ја има поддршката на повеќе европски социјалдемократи, меѓу кои и германските, за да биде следниот “шпиценкандидат“ на оваа политичка група на следните избори за Европски Парламент во 2019.

„Шпиценкандидати“ се првите членови на изборните листи и теоретски победникот на изборите треба да биде номиниран, а потоа потврден од страна на Европскиот Парламент за претседател на Европската Комисија. Кандидатот потоа треба да биде одобрен и од земјите членки на ЕУ.

Попладнево од Холандија се очекува Тимерманс да најави дека добил поддршка од доволен број партии за да се кандидира. За да биде номиниран, кандидат треба да има поддршка од неговата домашна партија и уште осум други европски партии од истото политичко семејство.

Тимерманс моментално е еврокомесарот задолжен за владеењето на правото и фундаменталните права во ЕУ. Тој е иницијатор на прекршочните процедури против Унгарија и Полска, земји во кои Европската Комисија оценува дека е доведено во опасност владеењето на правото и дека се прекршува правото на ЕУ.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/10/2018 16:27