Силен циклон ги зафати источните делови на Индија, корнејќи дрвја, далноводи и уништувајќи куќи, поради што речиси 300.000 луѓе се евакуирани.

Циклонот Титли, кој во превод значи „пеперутка“, е проследен со ветер кој дува со јачина и до 150 километри на час, како и поројни дождови кои ги поплавија крајбрежните области во источната држава Ориса. Погодена е и соседната индиска држава Андра Прадеш.

Училиштата се затворени, а редуциран е и воздушниот и железничкиот сообраќај. Стотици илјади семејства останале без електрична енергија.

Метеоролозите предвидуваат дека циклонот до вечерва нема да ја намали својата јачина, а во меѓувреме и крајбрежните области на Бангладеш се предупредени да се подготват за евентуална бура.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/10/2018 09:18