Во организација на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Република Македонија петта година по ред се промовирани и претставени туристичките потенцијали на меѓународниот саем за туризам “TTG Travel Experience” во Римини, Италија.

На првиот ден од отварањето на меѓународниот саем за туризам “TTG Travel Experience” претставниците на Агенцијата остварија повеќе од 60 бизнис состаноци со тур-оператори, медиуми, блогери и останати професионалци кои ги диктираат трендовите во туризмот.

Од 10-ти до 12-ти октомври претставници на Агенцијата за туризам, предводена од директорот Љупчо Јаневски заедно со приватниот туристички сектор на Македонија, претставници на Macedonia Holidays, Enjoy Balkans, Vardar Express и Go Balkans ќе ги промовираат туристичките можности на нашата земја. Италијанскиот туристички пазар е предизвик за туристичките работници од Македонија и можност да се зголеми бројот на илталијански туристи кои ќе придонесат за поголем успех и раст на туристичкото стопанство.

Новиот концепт на македонскиот штанд, како што информираат од Агенцијата, го привлече вниманието на посетителите, доловувајќи го автентичното и уникатното на нашата земја, со можност за остварување на поголем успех во туристичкиот бизнис.

ТТГ Римини е главен саем за туризам и туристички пазар во Италија за преговарање и вмрежување помеѓу меѓународната понуда и посредниците на туристичкиот производ. Саемот во Римини е исклучиво B2B настан.Тоа е единственото место во Италија каде излагачите можат да ги сретнат сите главни италијански туристички агенции и тур-оператори, остварат деловни контакти и развиjат понатамошен успешен бизнис.

На 55-тата интернационална бизнис туристичка манифестација во Римини својата туристичка програма ја претставуваат над 150 туристички дестинации, учествуваат над 2.550 изложувачи од 90 земји, 750 новинари, 300 блогери и 72.662 посетители. Овие факти и бројки кажуваат за големината и важноста од учество на еден од најголемите бизнис туристички настани во Европа и светот, се наведува во соопштението од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Република Македонија.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/10/2018 09:20