Високи претставници на ОН изразија загриженост до Саудиска Арабија поради необјаснетото исчезнување на саудискиот новинар Џамал Кашоги во Турција, изјави портпаролот на генералниот секретар на ОН, Стефан Дижарик.
- Не располагаме со информација од независен извор, ние не сме вклучени во истрагата. Официјални претставници на ОН контактираа со саудиски претставници во Њујорк за да изразат загриженост за судбината на Кашоги, рече Дижарик.
Организацијата за човекови права „Хјуман рајтс воч“ ги повика сојузниците од Ријад да ги преиспитаат односите со Саудиска Арабија по исчезнувањето на Кашоги.
- Ако Саудиска Арабија е одговорна за исчезнувањето и можното убиство на Кашоги, САД, Обединетото Кралство, Европската унија и другите сојузници на Ријад треба да ги преиспитаат своите односи со Саудијците, посочи организацијата.
Британскиот милијардер Ричард Бренсон рече дека неговата компанија „Вирџин груп“, со оглед на настаните околу исчезнувањето на Кашоги, ќе ги прекине преговорите со саудискиот Фонд за јавни инвестиции за една милијарда долари во вселенски проекти на „Вирџин“.
Бизнисменот исто така најави дека поради исчезнувањето на Кашоги тој ќе се повлече од управувањето со два саудиски туристички проекта кај Црвеното Море.
За Кашоги нема никакви иформации откако влезе во саудискиот Конзулат во Истанбул на 2 октомври. Турските и саудиските власти даваат противречни изјави. Анкара тврди дека тој не излегол од конзулатот, а Ријад вели дека Кашоги истиот ден го напуштил објектот.
Кашоги, кој живееше во егзил во САД, исчезна во Истанбул минатиот вторник, по посетата на Конзулатот, каде бил заради документи кои му биле потребни за склучување брак, појасни неговата свршеница.
Кашоги е долгогодишен новинар, дел од редакцијата на „Вашингтон пост“, познат по критичките текстови за саудискиот принц. Во неговите текстови тој ја критикуваше и Саудиска Арабија поради војната со Јемен и спорот со Канада. Тој е познат по интервјуата со поранешниот лидер на Ал Каеда, Осама бин Ладен, и патувањата со него во периодот од 1987 до 1995 година. На почетокот на 90-ите се обидел да го убеди Бин Ладен да се смири со кралското семејство на Саудиска Арабија и да се врати во својата татковина, но тој одбил.