Македонија е прва земја во регионот што ќе воведе гарантиран минимален приход. Одржлив раст може да се постигне само преку вложување во подобар живот за граѓаните, односно преку подобар систем на социјална заштита, рече министерот за финансии Драган Тевдовски во обраќањето на Годишните средби на ММФ и Светска банка во Индонезија.

Тевдовски, како што соопшти неговиот Кабинет, истакна дека дека приоритет на македонската влада е членството на земјата во ЕУ и НАТО, а таа агенда предвидува подобрување на животниот стандард на граѓаните, владеење на правото, еднаквоста, квалитетен образовен и здравствен систем.

- Еден од првите чекори на Владата во 2017-та беше да се зголеми минималната плата и тоа да се однесува на сите вработени. Подготвивме и сеопфатна реформа во системот на социјална помош и детска заштита. Еден од столбовите на оваа реформа е воведувањето на гарантиран минимален приход, со што сме прва земја во регионот со ваква реформа. Со поддршка на Светска банка работиме и на подобрување на системот на социјална заштита. Целта е социјалните трансфери подобро да се таргетираат кон ранливите групи. Исто така, ќе воведеме фер даночен систем. Сите овие мерки се во насока на намалување на нееднаквоста а со тоа постигнување на глобалните цели за одржлив развој, рече Тевдовски.

Се осврна и на значењето на образованието во постигнувањето одржлив развој. Напомена дека целта на Владата е во наредниот период да се удвои бројот деца во претшколско образование. Со Светска банка е потпишан нов проект кој ќе ја подобри покриеноста на предшколското образование, а во Буџетот за 2018 се издвоени повеќе средства за повисоки плати за вработените во градинките. Изминатиот период изградени се и реконструирани 24 градинки, а во наредниот период планирано е интензивирање и на ова поле, информира министерот.

Дополни и дека заедно со меѓународните партнери континуирано се инвестира во подобрување на јавните услуги и комуналната инфраструктура. Со поддршка на Европската инвестициска банка се подобрува водоводната и канализациската мрежа, додека со поддршка на Европската Унија се градат пречистителни станици.

Како што истакна Тевдовски, земјата голема поддршка добива и од други меѓународни институции како Европската банка за обнова и развој, Светска банка и КфВ банката.

На настанот во рамки на Годишните средби на ММФ и Светска банка зборуваа и генералниот секретар на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) Анхел Гурија, претседателот на Европската инвестициска банка (ЕИБ) Вернер Хојер, потпретседателот на Светска банка Махмуд Мохеилдин и познатиот професор по економија Николас Стерн.

Македонската делегација на Годишните средби е предводена од министерот за финансии Тевдовски и од гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска. Предвидени се повеќе средби на делегацијата со високи претставници на Светска банка и ММФ.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/10/2018 12:56