Собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска едногласно даде поддршка за предлог законот за отпис на капати од долгови на граѓаните кон претпријатија кои извршуваат јавни и комунални услуги.
Комисијата ги дополни основите за отпис на камата и за радиодифизна такса, предлага донесување генерална одлука од оние кои имаат побарувања од граѓаните во рок од десет дена и намалување на трошоците кон нотарите, адвокатите и извршителите на 20 проценти.
Тоа е содржано во амандманските дополнувања на предлог-законот за отпишување камати за наплата на долгови кои произлегуваат од услуги од вршители на комунални дејности, телефонија, мобилни и кабловски оператори, одржување на заеднички простории, наводнување и одводнување на земјоделско земјиште, што ги усвои денеска собраниската Комисија за финансирање и буџет.
Измените на овој предлог закон, поднесен од пратениците и од опозицијата и од владејачките партии, произлегле од јавните расправи.
Со амандманите се предлага за отпис на камати да се важат и предмети кои се водат за долгови за радиодифизна такса, што било испуштено да се стави во предлогот поради тоа што таа е веќе укината. Исто така, се предвидува сите јавни претпријатија или приватни компании кои вршат вакви услуги да донесат генерални одлуки дали го прифаќаат отписот на камати за долгови што граѓаните ги имаат кон нив. Потоа граѓаните ќе можат во период од 12 месеци да го платат долгот и трошоците кон нотарите, адвокатите и извршителите, кои пак сега се намалуваат на 20 проценти, и потоа да им бидат деблокирани сметките доколку поради извршните решенија им биле блокирани.
Намалувањето на трошоците, вели пратеникот Панчо Минов од ГРОМ е особено значајно поради тоа што се случува за многу мали долгови да има големи трошоци за нотари, адвокати и извршители.
Со предлог-законот се предвидува отпис на камати за долгови во период од 26 мај 2006 до јули 2011 година, период кој, како што рече Минов, е период на извршување на извршната функција од судовите кога тие носеле предлог решенија за долгови од ваков карактер. Законот треба да почне да се применува по донесувањето, односно по објавувањето во Службен весник.
Пратеничката Соња Мираковска од НСДП, која на комисијата беше претставник на предлагачите, е уверена дека законот ќе биде усвоен во ваква форма и ќе профункционира.
- Во почетокот опозицијата поднесе слични закони, но не во оваа форма. Видовме дека тие се косат со Законот за облигација и се договоривме да изготвиме закон заедно и позиција и опозиција, се разбира во комуникација со Владата, посредување на премиерот меѓу нас и најголемите доверители и приватните доверители и затоа сме уверени дека тој ќе профункционира, рече Мираковска.
Законот за отпишување на камата за наплата на долгови, во прво читање Собранието го усвои кон крајот на јуни. На почетокот на септември расправата во второ читање на оваа комисија беше одложена за да се вградат предлозите што произлегле од јавните расправи.
Предложениот закон предвидува отпишување на каматата што се пресметува од поднесување на тужбата за присилна наплата на паричниот долг, до конечна исплата на паричното побарување.
Станува збор за проблем со кој граѓаните се соочуваат поради тоа што извршните предмети од судовите се пренесени кај нотарите, а потоа тие завршуваат кај извршителите. Во тој процес најголеми жртви се граѓаните кои се соочија со огромни затезни и казнени камати за предмети за кои не биле ни свесни дека постојат, ниту пак дека има предлози за присилна наплата.