Демонстранти од цела Германија протестираа денеска во Берлин против ксенофобијата и крајната десница.
Организаторите, групи активисти за заштита на човековите права обединети под името „Независни“, соопштија дека на протестот имало повеќе од 150.000 демонстранти.
Демонстрантите носеа транспаренти со написи „Градиме мостови, не ѕидови“, „Обединети против расизмот“ и „Ние сме неделливи - за отворено и слободно општество“, а некои играа на поп музика.
Германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас смета дека протестот за отворено и слободно општество во Берлин е важен сигнал за единство.
- Ние нема да дозволиме да се разделиме, особено од десничарските популисти, изјави Мас за весниците од медиумската група „Функе“.
Тој рече дека мнозинството Германци ја поддржуваат толеранцијата и отвореноста кон светот и додаде дека новиот национализам нема да реши ниту еден проблем.
- Разновидноста на културното наследство, бојата на кожата, религијата го збогатуваат секојдневниот живот, а не нѐ загрозуваат, рече Мас.