Центарот за научни истражувања „ХАЕМУС“ од Скопје ја истражува Македонија во рамки на кампањата „Дестинација Македонија“!, чија цел е промоција и популаризација на богатото културно-историско наследство на земјата од различни периоди.
Дел од активностите се неколку едукативни тури, од кои првата насловена „Отоманското наследство на Скопје“ ќе се одржи денеска. Следат „Палатите на старо Скопје“ на 21 октомври и едукативната тура „По стапките на древните Римјани“ закажана на 28 октомври.
Според организаторот, сите тури се осмислени со цел учесниците да поминат низ искуство, знаење, интеракција и секако многу забава додека го запознаваат културното наследство на Република Македонија.
- Турите кои ги организира „ХАЕМУС“ се необични и ретко може да се најдат на пазарот, бидејќи се создадени на тој начин додека трае прошетката да бидат во активна интеракција со учесниците. Посетителите се едуцираат, но и споделуваат знаење и информации за локациите кои се посетуваат, покрај кои поминуваат катадневно, а сепак многу малку знаат за нивното пошироко антрополошко значење, изјави Василка Димитровска, директор на „ХАЕМУС“.
Настаните се организираат под мотото на УНЕСКО за Отворени едукативни ресурси (ОЕР), а во рамките на Европската година на културното наследство. Дел од турите се поддржани со логистика од град Скопје, а за сите учесници се обезбедени обемни печатени водичи во издание на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Република Македонија