Во изминатава година приватниот сектор по првпат ја повлече економијата и е носител на растот, оцени денеска министерот за финасии Драган Тевдовски.
- Многу години носител на растот беше државната интервенција во непродуктивни проекти, главно во пректот „Скопје 2014“. Сега ако ги гледаме макроекономските индикатири, растот на индустриското производство кое е повисоко од пет проценти и извозот којшто има двоцифрена стапка на раст и други показатели јасно е дека приватниот сектор започна да се движи во економијата, рече Тевдовски во одговор на прашање на денешната прес-конференција во Владата за Предлог-ребалансот на Буџетот за 2018 година.
Нашето настојување со ребалансот, додаде, е како да вбризгаме ликвидност во приватниот сектор која ќе овозможи да одиме понатаму.
- Ланската година е прва година по една декада во која е намален јавниот долг како процент на БДП. Практично ја стопиравме динамиката на задолжување која беше многу силна од 2008 до 2016 година. Сега не постои задолжување за непордуктивни проекти и зборуваме за нешто што и треба на економијата - инвестиции во патишта, железници на што Владата напорно работеше да се одблокираат, рече Тевдовски.
Една од главните мантри на последната декада, потенцира, беше дека растот пред се се должеше на државната интервенција и тоа претежно во проeкти за фасади, нешто што не и треба на економијата.
- Светска банка дури направи и графикон кој покажа дека растот бил некаде околу 0,05 проценти ако се исклучат непродуктивните проекти. Сега е одлично што првпат после многу години македонската економија остварува раст, пред се, заради приватниот сектор и придвижувањата во економијата и заради извозот. Како економист сметам дека ако го фатиме чекорот и успееме да влеземе во НАТО македонската економија ќе успее да обезбеди раст каков што сакаме, бидејќи главен мотoр ќе биде приватниот сектор, а државата со вложувања во продуктивни инвестиции само ќе го достимулира растот, потенцира Тевдовски.
Македонија, додаде, првпат годинава започна да издава 30-годишни обврзници. Досега најдолга рочност на обврзниците беше 15 години.
- Тоа значи дека некој денеска вложува пари во Македонска обврзница и верува дека тие пари ќе му бидат исплатени, односно дека економијата оди како што треба, потенцира Тевдовски и додаде дека серизно се намалени и каматните стапки.
Очекува и покрај намалувањето на средствата за капитални инвестиции во Предлог-ребалансот на Буџетот да има добра реализација, особено во последниот квартал од годинава.
- Сведоци сме дека капиталните инвестиции имаат највисока реализација во последниот квартал од годината. Можеме тоа да го очекуваме и годинава, бидејќи така беше и лани и во сите претходни години. За да дојдеме до ребаланс направивме состаноци со сите линиски министерства и буџетски корисници кои имаат посериозни капитални инвестиции и од нив добивме уверување дека реализацијата ќе биде како што треба. Верувам дека така ќе биде и остварена, рече Тевдовски.