Ова практично е решението и помошта за решавање на енергетските проблеми во Република Македонија, порача вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев пред потпишување на меморандумот за соработка меѓу Проектот на УСАИД за развој на регионални енергетски пазари со Владата и со Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).
Со потпишување на двата меморандума за реализација на проектот „Поддршка на реформите во секторот енергетика во Македонија“ се официјализира соработката меѓу УСАИД и Владата за техничката помош што треба да ја обезбеди УСАИД за хармонизирање на националното законодавство со Третиот енергетски пакет на директиви и регулативи на Европската унија и со барањата на Енергетската заедница.
Анѓушев потсети дека Македонија имаше обврска во 2014 година целосно да го либерализира пазарот на електрична енергија, но тоа не беше направено. Почна да се прави, како што рече, со носењето на новиот Закон за енергетика во мај годинава.
- Тоа не беше да биде возможно без помош на УСАИД кој издвои средства за да ни помогне во креирањето на Закнот, а сега и за креирањето на 80 подзаконски акти чија изработка е во тек, рече Анѓушев.
Нагласи дека се очекува изработката да заврши според предвидениот план со што ќе се овозможи заштита на граѓаните во поглед на цената на енергенсите и развој на обновливите извори на енергија (ОИЕ).
Американскиот амбасадор Џес Бејли нагласи дека транспарентните и конкурентни енергетски пазари се од витално значење за домаќинствата, индустријата и економијата, а разновидниот енергетски микс обезбедува енергетска сигурност.
- Соработката со УСАИД ќе и овозможи на Македонија да обезбеди разновидно и конкурентно енергетско портфолио. Тоа ќе и помогне на Владата да го усогласи националното енергетско законодавство со енергетските регулативи и директиви на Европската унија, рече Бејли и додаде дека неодамна усвоениот Закон за енергетика помага во усогласувањето.
Законот, додаде, обезбедува правна рамка за транспарентен, конкурентен и разновиден енергетски пазар, целосна либерализација на енергетскиот пазар во Македонија, како и интеграција со регионалните енергетски пазари и подобри услуги за домаќинствата и индустријата.
- Следната година домаќинствата и малите бизниси првпат ќе имаат можност да изберат снабдувач на електрична енергија. Разновидноста на снабдување ќе ја зацврсти енергетската безбедност на Македонија и ќе стимулира инвестиции во ОИЕ, што ќе го зголеми производството на чиста електрична енергија од домашно производство и ќе ја зголеми сигурноста на снабдувањето со електрична енергија за домаќинствата и индустријата, потенцира Бејли.
Министерт за економија Крешник Бектеши посочи дека потпишувањето на двата меморандума со УСАИД ја потврдува одличната соработка при изработката на Законот за енергетика и подзаконските акти.
- Работиме Законот да не биде ставен само на хартија, туку да почне да се спроведува. Очекуваме до крајот на годинава да ги завршиме сите обврски и граѓаните и компаниите од наредната година да имаат можност да ги осетат придобивките од новиот Закон, рече Бектеши.
Претседателот на РКЕ Марко Бислимовски потсети дека на Регулаторната комисија со овој проект веќе и е и пружена огромна помош во минатиот период, а ќе следува и во наредниот период.
- Имплементацијата на Законот за енергетика подразбира и носење на подзаконски акти кои се однесуваат и на работата на компаниите на регулираните и на слободниот пазар на електрична енергија и природен гас. РКЕ треба да усвои повеќе од 40 подзакнски акти кои треба да овозможат правично и транспарентно функционирање на пазарите на енергија, рече Бислимовски.
Потенцира дека во изминатиот период РКЕ веќе ги усвои најбитните подзаконски акти од областа на електричната енергија кои, како што рече, беа од клучно значење за Владата да го објави огласот за избор на универзален снабдувач со електрична енергија. Во наредниот период со помошна УСАИД, потенцира, РКЕ ќе продолжи да ја усвојува целокупната потребна подзаконска регулатива.
Поддршка на реформите во секторот енергетика во Македонија е проект на УСАИД што почна да се спрведува во декември 2017 година. Негова главна цел е да се унапреди деловното опкружување во енергетскиот сектор и да обезбеди правна рамка за отворен, тренспарентен и динамичен пазар на енергија и подобри енергетски услуги за домаќинствата и индустријата.