„Wizz Air“ најави дека рачниот багаж во авионите кој сакате да го качите со вас горе ќе се плаќа. Така нискотарифниата авиокомпанија ги следи стапките на својот главен конкурент Ryanair. Според компанијата новото решение ќе го направи качувањето на патниците во авионот побрзо.

Според новата политика на авиопревозникот, која ќе стапи на сила од 1 ноември, бесплатно ќе може да се качува во авионот исклучиво багаж со димензии до 40x30x20 см што е приближно колку чанта или торба за лаптоп, пренесува фактор.мк

За секој поголем рачен багаж патниците ќе треба да си купат налепница "Wizz Priority", чија цена започнува од 5 евра. Предметната налепница ќе овозможува качување на багаж со димензии до 55x40x23 см. Со него ќе е можно и приоритетно чекирање и качување во авионот. Во последниве месеци авиопревозникот дозволуваше бесплатно качување рачен багаж, но во багажниот простор. Од 1 ноември оваа опција е отфрлена. Качувањето на чекиран багаж со тежина до 10 кг. пак ќе е можно со налепница, чија цена почнува од 7 евра.

Одлуката на Wizz Air да го следи примерот на Ryanair е изненадувачка, со оглед дека ирската авиокомпанија си навлече проблеми поради одлуката да стави крај на бесплатниот рачен багаж. На крајот на септември Италија објави дека започнува истрага против Ryanair поради оваа пракса, бидејќи според Рим рачниот багаж е основен елемент од транспортот. На почетокот на овој месец, Европската комисија ги повика органите одговорни за заштитата на правата на потрошувачите, да обрнат внимание на ирската нискотарифна авиокомпанија.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/10/2018 00:52