Град Скопје со концептите за изградба на инфраструктура и за развојот на т.н. „паметен град“ (smart city) учествува на Третиот форум на градоначалници на главните градови на државите од Централна и Источна Европа и НР Кина (16+).
На Форумот, како што јави дописникот на МИА, на пленарната сесија градоначалниците на државите од ЦИЕ разговараат за инвестициските проекти, јавното и приватното партнерство, како и за заедничката туристичка понуда на Централна и Источна Европа насочена кон кинескиот пазар.
Градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов истакна дека преку билатералните средби на земјите учеснички на Самитот и Кина разговараат за развој на главните градови.
- Ние како Скопје, учествуваме со два концепта. Концептот за изградба на инфраструктурата на Скопје и развојот на т.н. смарт сити, со што ќе покажеме дека Скопје во извесни сегменти е пред другите градови кои овде се застапени, изјави Шилегов.
Тој очекува преку размената на искуствата со колегите градоначалници да се придонесе за спроведување на дел од решенијата, што постојат во другите градови.
- Очекувам по следниот форум што треба да се одржи во Загреб, Скопје има сериозна можност за две години да биде домаќин на еден ваков форум, со што ќе ја зацврстиме позицијата и на нашиот град и на нашата држава во однос на земјите од ЦИЕ, порача Шилегов на Форумот во Белград.
На отворањето на форумот на градоначалници на главните градови на државите од Централна и Источна Европа и НР Кина и на Самитот на министри за транспорт на земјите учеснички на механизмот на соработка 16+1 се обратија ресорните министри за транспорт на Србија и Кина Зорана Михајловиќ и Ли Сјаопенг.
Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека со земјите од поранешна Југославија не се инфраструктурно поврзани.
- Кога ќе се погледне простороот на поранешна Југославија, може да се види дека меѓу Србија, БиХ, Романија и Црна Гора нема ниту еден автопат, додека сотојбата е нешто подобра со Македонија и Бугарија, рече Вучиќ.
Соработката на Кина со 16-те земји од ЦИЕ, според кинескиот министер Ли Сјаопенг, во последните пет години има значителен напредок во рамки на иницијативата „Патот на свилата“, како и зголемена трговска размена и таа е ефикасна, отворена и толерантна и најдобра во досегашните односи со Европа.
- Брзиот раст на билатералната трговија наметнува и нови услови за логистичка поддршка и отвора нови можности, изјави Ли и најави дека во Скопје на 30 и 31 октомври ќе се одржи симпозиум на високо ниво во рамки на процесот Кина и 16 –те земји од ЦИЕ.
Дводневниот самит во Белград завршува утре.