Сите единици на локалната самоуправа од денеска до 17 ноември ќе може да аплицираат за добивање финансиска поддршка од Програмата за рурален развој поточно за „Мерката 124 Инвестиции во инфраструктурата за пристап до земјоделското земјиште“, поточно реконструкција или пробивање на пристапни патишта до земјоделско земјиште.

Ова денеска на прес-конференција го изјави директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој Николче Бабовски.

Истакна дека преку оваа мерка на располагање се ставени вкупно десет милиони денари, општините овие средства може да ги користат во капитални инвестиции за подобрување и олеснување на животот на граѓаните во руралните средини и полесен пристап до нивите.

Тој посочи дека овие средства се од Националната програма за рурален развој и оти една единица на локалната самоуправа може да користи максимално до еден милион денари. Со мерката, како што рече, ќе се даде значаен придонес во пристапот до нивите и до обработливите површини, што во моментов претставува проблем за земјоделците.

- Ги повикуваме сите општини кои имаат потреба, во рамки на Програмата и во крајниот рок, да ги поднесат своите предлог проекти, и овие средства за капитални инвестиции ефикасно да ги искористат во унапредување на условите за живот на земјоделците како и да им ја олеснат работата на поле, рече Бабовски.

Додаде дека доделената финансиска помош е неповратна, а средствата кои ќе им бидат доделени општините ќе може да ги користат за набавка на градежни материјали и елементи за конструкција, да платат услуги од трети лица за надзор и изведување на градежни работи, за изработка на елаборати, за изработка на студии или планска и техничка документација.

Финансиската поддршка се исплаќа по принцип на финансирање на завршени инвестиции од страна на корисникот, во висина од сто отсто од вредноста на одобрените, прифатливи трошоци за инвестицијата. Средствата од финансиската поддршка, по барање на корисникот може да се доделат на две рати, или согласно со фазите на реализација на инвестицијата врз основа на времени ситуации од надзор или документација за набавка на опрема.

Според директорот на АФПЗРР, за да се добие поддршка преку оваа мерка, апликантите треба да достави барање за користење средства, ревидиран основен проект, геодетски елаборат и согласност за приоритет и намена на инвестицијата одобрени од Советот и од градоначалникот на општината.

Еден корисник, како што посочи, има право да поднесе најмногу три барања вклучувајки ги сите мерки од програмата за 2018.

- Општините не смеат да започнат со реализација на инвестицијата пред да потпишат договор со Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, додаде директорот на АФПЗРР.

Минатата година десет општини, односно Кратово, Вевчани, Кочани, Босилово, Зрновци, Дебарца, Градско, Василево, Богданци и Пласница искористиле средства преку оваа мерка од Националната програма.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/10/2018 12:39