Запознавање со работата и состојбите во Технолошко индустриската развојна зона (ТИРЗ) - Тетово беше главната цел на денешната прва посета и средба на министерот без ресор задолжен за странски инвестиции Бардиљ Даути со дел од раководтсвото на ТИРЗ Тетово предводено од директорот Арбен Халили.
- Сакав на самото место да добијам информации за интересот на потенцијалните инвеститори за ТИРЗ Тетово, како и за состојбата со постојните компании што работат тука. Државните институции остануваат посветени за целосна помош за олеснување на нови инвестиции во оваа зона што ќе придонесе за поголемо вработување и развој, рече Даути.
Тој посочи дека политичката стабилност е клучен показател за зголемување на инвестициите низ зоните во Македонија.
- Како Влада работиме интезивно за надминување на лошата политичка атмосфера што постои во моментот околу решавањето на проблемот со името. Колку побрзо се надмине оваа состојба толку попозитивно тоа ќе има влијание за нови инвестиции не само за ТИРЗ Тетово туку и воопшто во Македонија, изјави Даути.
Од своја страна директорот на ТИРЗ Тетово Арбен Халили информираше за новата инвестиција на компанија што ќе работи со изработка на стакло.
- Ломпанијата Лас Плекс паралелно со градежните работи за објектот во ТИРЗ Тетово веќе ги има и првите вработувања односно има работници на обука. Најавите се дека за околу 5 до 6 месеци оваа компанија ќе почне со работа, рече Халили.
Тој информираше дека на денешните разговори со министерот за странски инвестиции Даути, го информирал за четиригодишната работа на зоната и нивната отвореност и кон странските и кон домашните инвеститори. Заеднички заклучок на соговорниците бил дека треба да има и рамномерна распределба на заинтересираните инвеститори низ зоните во државата со цел сите региони да добијат иста можност за развој, нови инвестиции и зголемување на вработеноста.