Во организација на Управата за јавните приходи денеска и утре ќе се одржи состанок на националните координатори на Програмата на ЕУ „Фискалис 2020“, на кој ќе присуствуваат 33 учесника од 31 земји членки на ЕУ и земји кандидати за членство во ЕУ, како и двајца претставници од Директоратот за Царина и оданочување ( DG TAXUD) при Европската комисија.

Директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска на отворањето на собирот ја нагласи корисноста од учеството на Управата за јавни приходи во Програмата на ЕУ „Фискалис 2020“ и им посака успешна работа на присутните во наредните два дена.

На состанокот, како што соопшти УЈП, националните координатори ќе ги разгледуваат работните процеси во имплементирањето на алатката Работни посети во рамки на „Фискалис 2020“, резултати и предлози произлезени од работата на работната група за подобрување на ефикасноста од работните посети, а воедно ќе одржуваат и работни сесии и дискусии каде ќе ги разменуваат најдобрите практики во користењето на оваа алатка.

Програмата „Фискалис 2020“ е програма на Европската унија во рамки на Генералниот директорат за даноци и царина (DG TAXUD) под раководство на Европската комисија чија oсновна цел е да се подобри функционирањето на даночните системи преку зголемување на соработката, размена на информациипомеѓу земјите учеснички, нивните администрации и службеници во полето на даноци. Освен даночните администрации на земјите членки на ЕУ, Програмата е отворена и за даночните администрации на земјите со кандидатски статус.

Оваа програма овозможува финансиска поддршка која покрива заеднички активности (семинари, работилници, работни посети, студии), градење Европските Информациони Системи, (заедничко интегрирање на големи трансевропски ИТ системи, како и воспоставување на мрежи преку здружување на национални претставници од цела Европа), активности за заеднички обуки за поддршка на потребните професионални вештини и знаења во врска со оданочувањето.

Управата за јавни приходи беше корисник на програмата „Fiscalis 2013“ во периодот 2009-2013 година, а во периодот 2014-2020 година е корисник на програмата „Fiscalis 2020.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/10/2018 12:49