Иновацијата е еден од најважните двигатели на економскиот раст во современите економии. Заштитата, пак, на иновациите, односно правата од интелектуална соспственост е исто така услов за развој на економијата преку зголемен број странски инвестиции, беше речено на денешната конференцијата „Трансфер на технологија и права на интелектуална сопственост во Република Македонија“, организирана по повод 25-годишнината од основањето на Државниот завод за индустриска сопственост.
- Иновацијата е еден од најважните двигатели на економскиот развој во една земја, особено на среднорочен и долгорочен план. Истражувањата говорат дека бројот на директни странски инвестиции е во правопропорционален сосоднос со степенот на заштита на правата од интелектуална соспственост, однсно колку повеќе државата ги штити правата од индустриска сопственост, толку повеќе ќе може да смета на странски инвестиции, рече во обраќањето министерот за економија Крешник Бектеши.
За да се зборува за квалитетна промоција на иновациите и за соработката со останатите земји, според него, треба да има издржана правна и политичка рамка. Македонија, потенцира Бектеши, има регулатива хармонизирана со меѓународните стандарди, а тоа овозможува ефикасна заштита и поголема правна сигурност за странските компании и подобрување на инвестициската клима во земјата.
Жељко Топиќ, заменик претседател на Европскиот патентен завод смета дека воспостувањето на национален систем култура за интелектуална сопственост е значајно за растот на националната економија, заснован врз знаење и иновативност.
- Користењето и длабоко суштинско разбирање на патентниот систем и вредноста на патентите е главен предуслов за економски развој во една современа економија. Тие се силен потик за иновација и за комерцијализирање нови технологии, рече Топиќ.
Според него, информациите кои се содржат во патентите се стимул за натамошна иновација, бидејќи, како што рече, иновацијата носи нова иновација. Важно е тоа што, како што потенцира, иновацијата која е дел од истечените патенти станува јавно добро.
Директорот на ДЗИС Сафет Емрули информира дека пред Заводот се пријавени повеќе од 32 илјади трговски марки, 10 илјади патенти и над илјада пријави за индустриски дизајн. Регистрирани се, додаде тој, над 26 илади трговски марки, 9.000 патенти, а заштитени се неколку десетици географски називи од кои, како што рече, за пет е обезбедена и реализирана меѓународна заштита.
Емрули потенцира дека со повеќе реализирани проекти и преземени активности се овозможило машинско пребарување кое на нашите пронаоѓачи, бизнисмени и универзитети им дава можност за пристап до податоци од оваа област. Има, рече, неколку проекти за ширење информации за трговски марки и индустриски дизајн од Македонија што, како што рече, го зголемува нивниот углед во светот, но исто така, ја олеснува постапката за странските компании кои сакаат да бидат заштитени во Македонија да добијат информации во реално време за статусот на нивните апликации.