Локалните и централната власт да не го опструираат бизнисот, да ги почитуваат законските и административните постапки, наместо да ги менуваат одлуките и деталните урбанистички планови преку ноќ, апелира денеска Стопанската комора на северозападна Македонија (СКСЗМ).

Како еклатантни случаи Комората ги посочи станбениот објект во општина Карпош и оној спроти Мајчин дом, чија изградба е спорна и времено стопирана. Компаниите сметаат дека граѓаните реагираат зашто биле изманипулирани и доведени во заблуда од страна на политичките партии, а најгласни на протестите биле оние советници што ги поддржале ДУП-овите.

- За оваа локација цела година подготвувавме документи. Многу пари вложивме и многу работници ангажиравме. Правиме и повеќе зеленило отколку што има. Не е целта да земаме обесштетување, туку да ја развиваме економијата, да вработиме луѓе и да придонесуваме за државата. Во моментов имаме времено стопирање на изградбата поради неправилно поставување на оградата, но ќе продолжиме со работа за 15 дена, изјави инвеститорот на објектот кај Мајчин дом, Фатмир Етеми, кој досега вложил, како што рече, 5,5 милиони евра, а вкупната инвестиција е околу 12 милиона.

Според него, не може откако ќе се завршат сите постапки и откако инвеститорот ќе ги добие сите одобренија, некој да му каже дека не може да гради.

- Ако не сум имал право законски да градам, не требало да ми издадат одобрение за градба, истакна Етеми.

Објасни и дека се работи за 5.000 квадрати земјиште, при што не се гради на целата парцела, туку на само 1.700 метри квадратни. Другиот дел, од околу 3.000 квадрати ќе биде зеленило и паркинг. Проектот дополнително предвидува и хоризонтални и вертикални градини што е многу скапа инвестиција.

Тој воедно предупреди дека ако трендот на опаѓање во градежништвото продолжи, становите ќе поскапат.

Штетата на инвеститорот во Карпош, пак, Менди Ќира, се проценува на околу 10 милиони евра зашто толкава е вредноста на елитниот станбен објект што треба да го гради и за кој ги има извадено сите потребни документи, а платил и комуналии. Но, во меѓувреме, ДУП-от е сменет.

- Пред три месеци е укинат ДУП-от поради што не можам да добијам дозвола за градба, а еден месец пред тоа ја доставив целокупната документација и ги платив комуналиите со што практично, се заокружуваат сите процедури. Според Законот, за пет дена од тогаш требаше да добијам дозвола за градба, а јас немам добиено ни цел месец потоа, рече Ќира.

Претседателот на СКСЗМ Неби Хоџа на прес-конференцијата потенцира дека ваквите пречки што им ги прават локалните и централната власт на компаниите, не значи само стагнација на бизнисот, туку и обесхрабрување за натамошни вложувања.

- Силно ги осудуваме дневните политики кои ги попречуваат капиталните инвестиции, а имаат единствена цел да добијат поени на сметка на бизнисот, напомена Хоџа, потсетувајќи дека градежништвото во вториот квартал годинава бележи пад од околу 13 проценти.

Комората предупреди и дека македонската економија е во тешка состојба поради актуелните политички и социјални случувања.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/10/2018 13:34