Директори на шест царински администрации од Западен Балкан одржаа неформален регионален состанок посветен на законските аспекти за дефинирање на рамка за безбедна размена на информации според усогласени стандарди и методи, преку назначени контакт лица на ниво на секоја царинска управа.

Состанокот, како што соопшти денеска Царинската управа на Република Македонија, се одржа вчера и завчера во Велес.

Директорот на Царинската управа Ѓоко Танасоски во своето обраќање истакна дека состанокот е добра можност за споделување на најдобри практики и искуства за спроведување на активностите од повеќегодишниот акциски план усвоен во јули 2017 година, на патот за формирање на регионална економска зона во Западен Балкан и интегрирање на регионот во Европската унија.

Тој посочи дека и во иднина фокусот ќе биде ставен на поедноставување на царинските контроли, со континуирано унапредување на механизмите за анализа на ризик и воведување на заеднички гранични контроли.

На состанокот се обрати и амбасадорката на Велика Британија во Македонија Рејчел Галовеј која рече дека посилни капацитети на царинските администрации за навремено и ефикасно да разменуваат податоци на национално и регионално ниво ќе помогне во справувањето со заканите од сериозниот, организиран и економски криминал.

- За ефективно справување со заканите потребни се ефикасни процедури за споделување на информации, доверба и комуникација, рече амбасадорката и додаде дека Западниот Балкан е клучен регион за Обединетото Кралство од чија стабилност и просперитет има придобивка и Европа.

Потенцира дека Велика Британија е посветена на регионот и задоволство и е што може да поддржат иницијативи како оваа која потекнува од самиот регион.

Од Царинската управа наведуваат дека предлозите што произлегоа од состанокот, организиран со поддршка на Царинската служба на Велика Британија и Светската царинска организација, ќе бидат проследени до директорите на царинските служби од Западен Балкан и ќе бидат предмет на разгледување на следниот неформален состанок што ќе се организира на високо ниво во Подгорица во декември оваа година.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/10/2018 14:32