Во Институтот за социолошки и политичко правни истражувања (ИСППИ), денеска се одржа работилница на интерсекторската работна група за спроведување на истражувањето во Општината - „Прашалник за здрава населба-колку е добра и здрава нашата населба?“ и Институтот за јавно здравје, соопштија од Општина Карпош.

Работилницата се одржа по повод спроведувањето на проектот за здраво живеење, во рамките на програмата „HORIZON 2020 INHERIT“.

Општина Карпош е првата и единствена локална самоуправа во Македонија и пошироко, што ќе започне да го спроведува проектот во соработка со Институтот за јавно здравје на Република Македонија.

На работната средба, како што се наведува во соопштението, беа резимирани резултатите од Прашалникот кој во изминатиот период се спроведе „он лајн“ преку интернет страницата на Општина Карпош и преку фокус групи меѓу жителите на оваа општина.

Карпош е пилот општина во која се спроведува ваков прашалник и според проф. Драган Ѓоргев од Институтот за јавно здравје, оваа локална самоуправа е избрана како најперспективна и најпрогресивна во која ќе може да се инкорпорираат резултатите кои ќе произлезат од анкетите.

- Целта на прашалникот беше преку поширок опфат на заинтересирани јавности, граѓаните, невладините организации, како и локалната администрација да се дефинираат приоритетите како да се подобрат условите за живеење и како да се дојде до „Здрава населба“, наведоа од Општина Карпош.

Посочија дека понатаму целта е тие да бидат внесени во програмите за работа на секторите во локалната администрација, што значи дека тие ќе бидат финансирани од Буџетот на Општината.

- На тој начин практично ќе се зголеми партиципативноста, односно поголемото учество во дефинирањето на приоритетите на жителите на Карпош во насока на креирање на „Здрава населба“ според нивните гледишта и потреби, соопштија од Општина Карпош.

Наведоа дека партнерска земја во која се спороведува ист ваков проект за здраво живеење е Латвија, а целта е да се изгради одржлив модел кој ќе може да се имплементира и во другите општини.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/10/2018 19:06