Во писмо до италијанската влада, еврокомесарот задолжен за Еврото, Валдис Домбровскис и Пјер Московиси, комесарот за финансии изразуваат „сериозна загриженост“ поради новиот буџетски план на Италија.

Европската Комисија смета дека буџетот не е во потполна согласност со фискалните правила на ЕУ.

-Со оглед на тоа дека италијанскиот долг е околу 130 отсто БДП, нашата првична проценка е дека плановите на Италија нема да овозможат намалување на долгот, стои во писмото.

Според Пактот за стабилност и раст на Унијата, земјите членки се обврзани да ја задржат или намалат стапката на дефицит под 3 отсто од БДП, а стапката на долгот под 60 отсто.

Италија, како и други земји, не е во согласност со овие правила но се обврзала да ги постигне.

Брисел смета дека новиот буџет тоа нема да го овозможи. Комесарите ја потсетуваат италијанската влада дека нејзиниот буџет не е поддржан ниту од италијанското независно тело за буџетски мониторинг.

Владата има до понеделник да одговори на забелешките на Европската Комисија, но за сега нема сигнали од Рим дека е подготвен на значајни корекции.

На вчерашниот Самит во Брисел, италијанскиот премиер, Џузепе Конте порача дека е отворен за дискусија, но дека нема намера да отстапи.

-Како поминува времето, се поуверен сум дека нацрт-буџетот е прекрасен, изјави италијанскиот премиер.



Автор: Администратор
Објавено на: 19/10/2018 09:56