Македонската економија допрва ќе се дигитализира. Досега нема направено речиси никаков исчекор во оваа насока. Од 600 регистрирани компании за он-лајн продажба, квалитетни се само пет. Но, дигитализацијата не подразбира само отворање веб страници и овозможување електронско купување, туку значи примена на најсовремените ИТ решенија во целокупниот технолошки процес на фирмите, како и промена во размислувањето на нивните вработени. Ова е заклучокот од денешниот Отворен ден што го организира GS1 Македонија.
– Мислиме дека користиме дигитална технологија, а всушност работиме со нешто што е старо 20 до 25 години. Дигитализацијата дојде, а ние се плашиме од промени или ќе затвориме многу брзо или ќе продолжиме да работиме. Е-побарувачка во Македонија има, но нема понуда, истакна Сергеј Зафировски од „Инсајдер ИД“.
Според него, дигитализацијата и иновациите се конкурентска предност на македонските компании што може да ги извади надвор од земјава.
– Македонската економија сега почнува со дигитализација. Се уште сме на почеток, мора да ја подигнеме свеста и да сфатиме дека овој процес не подразбира едноставно он-лајн купување или имање веб страница, туку претставува многу подлабок систем на интегративни решенија во технолошките процеси, потенцира директорката на GS1 Македонија Слаѓана Милутиновиќ, додавајќи дека најголемите промени треба да се случат прво во размислувањето на луѓето.
Претседателот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески оцени дека, и да ги имплементираме најновите дигитални технологии, прашање е колку имаме амбиент за тие да резултираат со развој на економијата.
– Имаме ли економија, компании на кои тоа ќе им служи, имаме ли бизнис опкружување кое така функционира? Ние тврдиме дека имаме, но со низа слабости кои мора да ги решаваме на двоен колосек. Изгубивме многу години, 20, 30, сега треба брзо да ги надоместиме, возејќи паралелно, согласно можностите. Притоа не смееме да го користиме принципот на постојано уривање и градење од почеток, зашто тоа е погубна формула, рече Азески.
Азески предочи дека имаме поединечни успешни примери на компании кои работат по најсовремените технолошки трендови, но немаме амбиент и државна политика.
Пораката на директорот на Глобалната канцеларија на GS1 Роберт Бајдемен е македонските компании да почнат со идентификација на нивните производи. Да се фокусираат на идентитетот на производот и на податоците за производите. Тоа ќе им помогне, како што истакна, да ја зголемат видливоста на светскиот пазар.
– Дигитализацијата значи и намалување на трошоците од различни аспекти, зависно од компанијата – преку прекуграничната трговија и царината, ефикасното складирање и логистиката, предочи Бајдемен.
Зафировски во презентацијата на Отворениот ден информира дека моментно е-пазарот во Македонија вреди околу 140 милиони евра, а тенденцијата на раст годишно во просек може да биде 1,5 до два отсто. Можен е раст, нагласи, и од три до пет отсто ако престане иселувањето со оглед дека он-лајн најмногу купуваат студентите и вработените. Последното истражување покажало дека 66 отсто од граѓаните во Македонија меѓу 19 и 54 години купиле лани нешто по електронски пат, но тоа не е вкупниот е-пазар зашто понудата не ги поттикнува доволно купувачите, а тие дополнително се плашат од квалитетот на производите што се нудат, како и од злоупотребата на личните податоци.