Во Авганистан денеска почна глaсањето на парламентарните избори кое го следи хаотична организација, обвинувања за корупција и насилства поради што изборите во стратешки важната покраина Кандахар се одложени.

По првпат Изборната комисија ги опреми гласачките места со биометриски идентификациски системи.

За 49 места во Долниот дом на Парламентот има 2.265 кандидати, меѓу кои 517 жени. Гласачите ќе гласат на 11.167 гласачки места резервирани за мажи и 7.429 за жени, додека 46 гласачки места се наменети за авганистанските Номади и 20 за малцинските Сики и Хиндуси. За авганистанските Номади, познати како Кочии се резервирани десет парламентарни места, додека Сиките и Хиндусите заеднички имаат едно место. Во Авганистан има вкупно 8,8 милиони регистрирани гласачи.

Авганистанците ќе гласаат на парламентарни избори по речиси осум години, во надеж дека ќе внесат промени во Владата која загуби речиси половина од државата од Талибанците. Талибанците и терористичката „Исламска држава“ се заканија на секој кој ќе одлучи да оди на гласање. Талибанците наведуваат дека Владата е нефункционална и отфрлаат меѓународни повици за разговори со Владата во Кабул, наведувајќи дека ќе преговараат само со САД, кои ги сметаат за окупациска сила.

Верски конзервативци се почесто употребуваат талибанска реторика, нагласувајќи дека повеќегодишното западно присуство ги ослабело традиционалните вредности на државата и придонело за пропаст на авганистанското општество.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/10/2018 12:04