Во Полска денеска се одржуваат регионални избори, на кои се очекува најмногу гласови да добијат кандидатите на владејачката десничарска евроскептична партија Право и правда (ПиС), чии националиситчка реторика и правосудни реформи доведоа до тензии во односите меѓу Варшава и Брисел.

ПиС дојде на власт во 2015 година со ветување за издвојување поголеми средства за социјални програми, за заштита на традиционалните вредност и за поголемо влијание на државата во економијата.

И покрај обвинувањата од ЕУ дека полската Влада ги крши принципите на владеењето на правото, владејачката ПиС и натаму е најпопуларна политичка партија во Полска.

Сепак, ПиС досега ја имаше власта само во помал број локални самоуправи и мнозинство само во едно од 18-те регионални собранија.

Аналитичарите оценуваат дека иако на денешните избори во Полска се бираат само органите на регионалните и локалните власти, тие сепак се дел од пошироката борба за иднината на ЕУ, во услови кога Велика Британија се подготвува за повлекување од блокот и кога во европските земји расте популарноста на десничарските и популистичките партии.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/10/2018 11:39