Договорот за уништување и забрана на производство на проектили со кус и среден дострел (ИНФ) очигледно ги ограничува плановите на Вашингтон да оствари целосна доминација, изјави денеска заменикот-министер за надворешни работи на Русија Сергеј Рјабков, коментирајќи ја изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп дека САД ќе се повлечат од тој Договор со Русија.

– На прв поглед можам да кажам дека очигледно ИНФ и создава на Америка проблеми за остварување целосна доминација во воената сфера, изјави Рјабков.

Тој оцени дека повлекувањето на САД од ИНФ би бил многу опасен чекор, кој меѓународната заедница сигурно би го осудила.

Според него, Русија стриктно се придржува до Договорот и во повеќе наврати во изминатите години посочувала дека САД го кршат.

– Ова се обиди за ситуацијата да се прикаже дека Русија го крши Договорот. А ние не само што не го кршиме, туку и строго се придржуваме до него. Исто така, многу сме толерантни кога укажуваме на очигледните кршења на Договорот од страна на САД во изминатите години, изјави Рјабков.

Тој изрази очекување од американскиот советник за национална безбедност Џон Болтон, кој денеска пристигнува во Москва, да го објасни потегот на Вашингтон. Рјабков се надева дека Болтон ќе понуди повеќе детали и појаснувања на чекорите кои американската страна планира да ги преземе.

Реакција на најавата од Вашингтон дојде и од шефот на Одборот за меѓународни работи при Советот на Руската Федерација Константин Ковачев.

– Повлекувањето на САД од ИНФ може да предизвика војна, оцени Ковачев и побара свикување седница на Советот за безбедност на ОН, на која би се разговарало за „критичната ситуација“.

„Западните сојузници на САД би морале да направат избор – да се одлучат за истиот пат, што може да доведе до нова војна или да застанат на страната на здравиот разум, раководејќи се од инстиктот за самоодржување. Затоа што едвај некој ќе преживее нуклеарен судир, кој се приближува по едностраната одлука на САД за Договорот“, напиша Ковачев на Фејсбук.

Тој смета дека треба да се одржат и консултации меѓу четирите нуклеарни сили, без САД, и итно да се разговара на Конференцијата за разоружување во Женева, како и на седница на СБ на ОН.

Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа соопшти дека САД ќе се повлечат од Договорот за уништување и забрана на производство на проектили со кус и среден дострел, затоа што, како што рече, Москва ја прекршува спогодбата.

– Русија го крши Договорот. Тие го кршат со години. САД нема да им дозволат и натаму да го кршат нуклеарниот договор, изјави Трамп на митинг во градот Елко во американската сојузна држава Невада, во пресрет на изборите за Конгресот на САД на 6 ноември.

Договорот е склучен во 1987 година меѓу САД и тогашниот Советски Сојуз, чиј правен наследник е Русија. Договорот го потпишаа тогашниот американски претседател Роналд Реган и последниот советски лидер Михаел Горбачов. Со него се предвидува забрана за производство, тестирање и распоредување на нуклеарни и конвенционални ракети со дострел од 500 до 5.500 километри што се лансираат од земја.

Трамп истакна дека овој Договор ги ограничува САД да развиваат ново оружје, па затоа Вашингтон повеќе нема да го почитува, освен ако Русија и Кина не се согласат на склучување нова спогодба со која ќе се обврзат дека нема да поседуваат или развиваат вакви ракети.

САД ја обвинуваат Русија дека со развојот на ракетниот систем 9М729 го крши ИНФ.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/10/2018 15:07