Сто четириесет и осум избирачки места во Авганистан останаа затворени поради закани по безбедноста на вториот ден од парламентарните избори, јави ДПА.
– Од 401 избирачки места што требаше да бидат отворени, само 253 тоа го сторија, а останатите останаа затворени, изјави портпаролот на Независната изборна комисија.
Претходно беше најавено дека гласачите може да гласаат до 16 часот по локално време, но Комисијата информира дека доколку има заинтересирани гласачи, времето за демократско изјаснување ќе биде продолжено.
Вкупно 4.900 избирачки места требаше да бидат отворени вчера, но имаше многу неправилности. Некои поради безбедносни закани не отвориле, други немале изборни материјали, а некои пријавиле технички проблеми.