Австралискиот премиер Скот Морисон во емотивен говор во Парламентот денеска упати официјално „национално“ извинување кон децата жртви на сексуално насилство извршено од страна на претставници на институциите.

Австралија треба да признае и да се извини за „неслушнатите пискотници на нашите деца“ изјави премиерот пред пратениците во Канбера.

– Денеска ние како држава се соочуваме со неспособноста да чуваме, да веруваме и да даваме пристап до правосудството. Ги молам за извинување децата кон кои не успеавме и родителите чија доверба не ја оправдавме и кои се обидуваат да се справат со последиците од она што се случило, рече Морисон.

Стотици жртви и нивни блиски од целата земја го слушаа говорот од галеријата на Парламентот и од специјално подготвени места. Официјалното извинување следува по петгодишната истрага на специјална комисија на илјадници случаи на сексуално малтретирање деца, кои ги извршиле духовни лица и други луѓе на функции како што се директори на домови за деца без родители, спортски клубови, училишта и младински организации.

Резултатите од истражувањето беа соопштени кон крајот на минатата година и тие покажаа дека повеќе од 15 илјади луѓе контактирале со комисијата за да соопштат дека биле жртва на сексуално насилство кое било скриено од институциите чии претставници ги извршиле злосторствата.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/10/2018 13:55