Денеска Владата на Република Македонија го усвои предлог законското решение со кој на општините им се ставаат на располагање 3 милијарди денари за покривање на заостанатите долгови. Министерот за финансии Драган Тевдовски, на прес-конференцијата на која присуствуваше и министерот за локална самоуправа Фазлиу, рече дека секоја општина ќе добие неповратни средства за да покрие 51% од пријавените обврски. Овие средства се предвидени со ребалансот на буџетот.
„Средствата кои ќе се доделат на единиците на локалната самоуправа како финансиска поддршка се строго наменски и неповратни. Целта е да се зајакне фискалниот капацитет на единиците на локалната самоуправа, сервисирање на долговите и раздолжување кон стопанството“, рече Тевдовски.
Министерот за финансии посочи дека освен решавање на проблемот со долговите на општините, Владата ќе воспостави механизам за спречување на акумулирање на долгови во иднина. Се предлагаат измени на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа со воспоставување на фискално правило за планирање на сопствените приходи на основниот буџет на единиците на локалната самоуправа.
„Преоптимистичкото планирање на приходите е една од причините поради кои општините креираа неизмирени обврски во претходните години. Со предлог измените на Законот се воведува ограничување при планирање на сопствените приходи на основниот буџет на општините, во смисла истите да може да се планираат со пораст од најмногу 10% од просечно остварените приходи во последните три години, според податоците од трезорската евиденција. Во однос на истото се предвидени исклучоци само доколку општината има обезбедено потврда за трансфер на средства од соодветна институција за реализација на проекти во општината.
Заклучно со 30 септември годинава, електронскиот систем за евиденција на Министерството за финансии забележал стари пријавени доспеани, а неплатени обврски, во износ од 18,817 милијарди денари. Ова е за 3,527 милијарди денари помалку во однос на обврските пријавени со пресечен датум 31 мај 2017 година. Намалувањето се должи на намалувањето на неплатените обврски кај буџетските корисници на национално ниво во износ од 3,6 милијарди денари во споредба со мај 2017 година“, рече министерот за финансии.
Министерот за локална самоуправа, истакна дека со денешната одлука на владината седница решава проблем со кој се соочува речиси секоја општина во Р. Македонија. Тој додаде дека од општините ќе се бара и да ја зголемат транспарентноста. Тие ќе мора да испратат и детали за доверителите на кои ќе им се исплатат средствата.
„Општините сопствените приходи може да ги планираат до најмногу 10% од просечните приходи во последните 3 години, ова би значело дека општината ќе може да го надмине максималниот износ од планирани приходи само доколку има обезбедено потврда за трансфер на средства.
Доколку буџетот на Општината не е изготвен во согласност со овие измени истиот нема да биде впишан трезорот на Министерството за финансии.
Истовремено очекуваме од Единиците на локална самоуправа да ги зајакнат нивните напори во насока на транспарентност и отчетност односно да ја зголемат комуникацијата кон јавноста со јасни информации – како ги трошат парите на граѓаните.
Во законот е предвиден дел за зголемување на транспарентноста односно Општините ќе мораат да ги објавуваат јавно на своите веб страници податоците за трошење на парите како и тоа на кои доверители им е исплатено“, истакна министерот Фазлиу во своето обраќање.