Рускиот претседател Владимир Путин нареди Владата да изготви листа на украински физички и правни лица на кои ќе бидат наметнати економски санкции, јави ТАСС.
Путин го потпиша указот за специјалните економски мерки кои ќе бидат преземени како одговор на антируските санкции на Украина. Во указот се истакнува дека одлуката е „одговор на непријателските и спротивни на меѓународното право дејствија на Украина во врска со воведување рестриктивни мерки кон граѓани и правни лица од Руската Федерација”, како и за заштита на националните интереси.
Указот влегува во сила на денот на неговото потпишување и подлежи на укинување при поништување на рестриктивните мерки наметнати од Украина на руски физички и правни лица.
Во февруари 2014 година Украина воведе санкции против 1228 физички и 468 правни лица, меѓу кои руски чиновници, политичари, шефови на компании, новинари, одредени жители на Донбас концернот „Алмаз-Антеј“, „Газпромбанк”, „Аерофлот” и други. Во 2017 година Киев воведе санкции против руски компании од сферата на интернет и медиумите како групата меил.ру. „Јандекс“, „ВКонтактe” и „Однокласники”, потсетува ТАСС.