Транзицијата на електропреносните во паметни мрежи е голем предизвик на сите електропреносни систем-оператори. Во нашиот регион сите систем-оператори активно се подготвуваат за спроведување на решенија кои меѓу другото ќе овозможат и масовно користење на автомобили на електричен погон. Електропреносните систем-оператори од нашиот регион активно се подготвуваат да спроведат решенија за имплеметација на паметните мрежи со кои меѓу другото ќе се овозможи масовно користење на електрични автомобил.

Ова, како што соопшти АД МЕПСО, е еден од заклучоците на супер – панелот на кој говореа генералните директори на електропреносните систем-оператори на Р. Македонија, Р. Србија, Р. Црна Гора, Р. Босна и Херцеговина, Р. Хрватска и Р. Словенија, што се одржа денеска во Сараево, Босна и Херцеговина.

Покрај оваа тема, актуелни беа и прашањата за имплементација на обновливите извори на електрична енергија и отварањето на регионалниот пазар за балансна енергија во земјите од нашиот регион.

Во своето обраќање пред околу 400 учесници на собирот Сашо Василевски, генералниот директор на МЕПСО говореше за актуелните инвестициски проекти, за отварањето на пазарот на електрична енергија и интеграциите на регионално ниво и за предизвиците од транзицијата на електропреносните во паметни мрежи.

– МЕПСО започна со реализација на компонентите од т.н. „паметни мрежи“ од кои некои се во иницијална фаза, додека поголемиот дел се веќе во фаза на спроведување. Како најзначаен проект, кој е од суштинско значење за интеграцијата на паметните мрежи е монтажата на оптички јажиња во должина од 200 км, која е цврста основа за понатамошна интеграција на компонентите од паметните мрежи, истакна Василевски.

Панелот на кој учествуваа првите луѓе на електропреносните системи од сите земји кои произлегоа од поранешна СФРЈ е дел од најголемиот светски собир на инженери од областа на електроенергетиката, кој го организира најголемата меѓународна инженерска организација ИЕЕЕ ПЕС и годинава се одржува во Сараево започнувајќи од 22 до 25 октомври. На овој научно-технички собир се разменуваат искуства од најразлични области на енергетиката и се презентираат искуства за транзицијата на електропреносните мрежи во паметни мрежи.

ИЕЕЕ ПЕС е интернационална организација на инженери која е основана во 1886 година и ширум светот има повеќе од 38.000 членови меѓу кои многу светски истакнати инженери, менаџери и научници, а годишно организира над 40 конференции на различни локации ширум светот.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/10/2018 16:11