Твитер денеска ги отстрани преостанатите неколку профили користени од Алекс Џонс, основачот на ектремистичкиот портал „Инфо ворс“, јави „Ен-Би-Си“.

Портпарол на Твитер потврди дека профилите биле отстранети но не даде дополнителни коментари.

Покрај Твитер, Џонс претходно беше ограничен или блокиран од други платформи како „Пејпал“, „Јутјуб“, „Епл“ и „Спотифај“, јави дописникот на МИА од Вашингтон.

Сите овие технолошки компании се пожалија дека Џонс и „Инфо ворс“ ги нарушиле нивните политики со злупотреба на социјалните платформи преку ширење теории на заговор, промовирање омраза и раскол во општеството.

Од порталот се пожалија дека намерно се саботира нивната работа на неколку недели пред конгресните избори во ноември.

По престрелката во средно учелише во Паркленд Флорида, кога загинаа десетина младинци и учители, Џонс објави дека преживеаните ученици биле „актери во време на криза“, додека за пукањето во основното училиште „Сенди Хук“ тој напиша дека „не се случило“. Во оваа трагедија беа убиени 20 деца на шест и седум годишна возраст.

Џонс имаше околу 900 илјади следачи на Твитер, а „Инфо ворс“ имаше околу 450 илјади.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/10/2018 19:07