Посебен медицински центар, сала за вежбање, операциона сала – армијата на САД го модернизираше затвор во Гвантанамо, за да го прилагоди за се постарите затвореници, кои таму би можеле да завршат, поради што тој злогласен затвор се повеќе личи на геријатриско одделение.

Новиот медицински центар во Гвантанамо оваа недела беше посетен од мала група новинари. Во аголот на собата затекоа одалка. Болничкиот кревет изгледа како секој друг, инвалидска количка и медицинска опрема во просторијата. Единственото нешто што отскокнуваше беше фактот дека просторијата немаше прозорци, туку само тавански прозорец со матно стакло и решетка како преграда. Од другата страна на ходникот имаше стол за физиолошки потреби.

Најстариот од 40-те затвореници, кои во моментов се наоѓаат во воената база во Гвантанамо, југоисточно од Куба, има 71 година. Најмладиот има 37 години, а просечната возраст е 46 години.

САД ги обвинуваат дека учествувале во различни напади, на пример тој на 11 септември, и ги сметаат за премногу опасни за да бидат пуштени на слобода. Еден од нив беше осуден на доживотен затвор минатата година.

Свесни дека овие затвореници никогаш нема да заминат, властите на САД одлучиле да не го затворат Гвантанамо. Затоа Пентагон му нареди на командантот на затворскиот комплекс, адмирал Џон Ринг, да осигура казнено-поправниот дом да продолжи да работи уште 25 години.

– Размислувавме многу за тоа како да се подготвиме за сместување на постари затвореници и за инфраструктурата, која ќе биде потребна со цел се да биде безбедно и хумано, изјави портпаролката на затворот, капетан Ен Линос.

Со буџет од 12 милиони долари, дополнителниот дел на затворот е преуреден во модерна полска болница со оперативна и радиолошка соба опремена со уред за магнетна резонанца, како и соба за итни случаи и интензивна нега со три кревети.

Во клиниката се менуваат три лекари, терапевтски асистент, тројца психијатри и 11 медицински сестри, кои во неа престојуваат во ротирачкиот период од шест до девет месеци, објаснува главниот лекар, кој од безбедносни причини сакаше да остане анонимен.

Медицинскиот центар е отворен во март 2018 година и во моментот е празен, но главниот лекар уверува дека работи.

На никој во моментов не му треба инвалидска количка, но се е подготвено доколку е потребно: медицинскиот центар има пристапни рампи.

Пациентите страдаат од вообичаени болести за нивната возраст: дијабетес, висок крвен притисок, гастроинтестинални заболувања, моторни нарушувања, вели воениот лекар.

Психијатриската служба на првиот кат се состои од две келии преуредени во просториите за консултации. Третата келија, сосема празна, е тапацирана: тоа е просторија за изолација во која привремено се сместуваат психотични пациенти.

Како и другите војници во Гвантанамо, затворските психијатри таму престојуваат во просек од девет до 12 месеци, што ги ограничува да работат со пациенти.

Од отворањето на тој затвор во 2002 година, починаа девет затвореници, од кои седуммина извршија самоубиство. Еден затвореник почина од рак, а еден од срцев удар.

Здравјето на затворениците не е познато, но новинарите дознаа дека „еден од нив во моментов спроведува пост кој не е поврзан со религија”, што е еуфемизам за штрајк со глад, со што затворениците редовно протестираат.

Имено, иако затворениците со годините претежно се помириле, некои се уште се бунат.

Еден бил подложен на дисциплински мерки по инцидент со чувари, изјави адмиралот Џон Ринг.

„Многу од овие господа се уште се во војна со САД“, објаснува тој. „Тие продолжуваат да војуваат низ овие мали форми на отпор”.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/10/2018 19:45