Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) не може да влијае врз крајната цена што ја плаќаат потрошувачите за нафтата и нафтените деривати, бидејќи работи по точно определена методологија, утврдена со Договорот за купопродажба на ОКТА, што е ратификуван од Собранието на Република Македонија во јуни 1999 година, оцени денеска претседателот на РКЕ Марко Бислимовски.

Со договорот Република Македонија како држава се обврзала да применува методологија која е составен дел од тој договор во анексот „Д“, за определување на цената на нафтата и нафтените деривати, односно бензинот и дизелот. РКЕ само ја имплементира и работи по методологијата која е дел од договорот. Пред формирањето на РКЕ тоа го правела Владата, а од 2004 година кога е формирана, таа обврска ја презема Регулаторната комисија, изјави Бислимовски пред почетокот на денешната подготвителна седница во РКЕ.

Тој посочи дека РКЕ не е дел од договорот, туку само државна институција што мора да ја применува методологијата.

При определување на цената на нафтата и нафтените деривати најбитни параметри се цената на Бренд нафтата на светските берзи и курсот на доларот, што во овој период е во пораст. Во 2008 година цената на нафтата на берзите била околу 140 долари, а малопродажната цена на дизелот 74,5 денари. Сега цената на суровата нафта е околу 85 до 86 долари, а цената на дизелот 69,5 денари, но во 2008 година курсот на доларот бил 39, а сега е 53 денари, појасни Бислимовски и додаде дека РКЕ не може да не ја применува методолгијата утврдена со Договорот за купопродажба на ОКТА.

Нагласи дека РКЕ не била заслужна ни кога имаше драстичен пад на цената на нафтените деривати, ниту, пак, е виновна кога ја зголемува цената, бидејќи едноставно само го применува тоа што е одобрено и ратификувано во Собранието.

Важењето на Договорот, како што рече, е до јули идната година, кога согласно Законот за енергетика РКЕ е обврзана да донесе нова методологија.

При носењето на новата методологија РКЕ ќе формира поширока работна група во која ќе ги покани поголемите трговци со нафта и нафтени деривати во Република Македонија и по првпат организациите на потрошувачи, со цел да бидат вклучени сите заинтересирани страни во процесот. Постои и друга опција, да има и целосна либерализација на пазарот на нафта и нафтени деривати, како што е во речиси сите земји во Европа и во поголемиот дел од соседните земји. Јас не сум приврзаник на тоа и сметам дека треба да одиме чекор по чекор, односно прво РКЕ да донесе нова методологија и да видиме како ќе функционира пазарот на нафта и нафтени деривати во тој момент, па понатаму доколку се создадат услови да има целосна либерализација, рече Бислимовски и додаде дека во овој момент цената на нафтата и нафтените деривата во земјава се најниска во регионот.

Поголемо влијание врз цената на нафтата и нафтените деривати, потенцира, имаат и сите давачки што ја оптоваруваат цената што ја плаќаат крајните потрошувачи.

РКЕ не може да влијае врз тие давачки. Доколку дојде до значително зголемување на цената Владата може да разгледа и други солуции со цел да се заштитат граѓаните од ценовните шокови, рече Бислимовски и додаде дека од РКЕ очекуваат и во наредниот период да има благо зголемување на цената на нафтата и на нафтените деривати.

Прашан за коментар за последните поскапувања на автоплинот, Бислимовски рече дека РКЕ не е надлежна за цената на ЛПГ горивото, што слободно ја формираат трговците, и додаде дека таа сепак зависи од цената на суровата нафта на светскиот пазар.

Во методолгијата што е составен дел од Договорот за купопродажба на ОКТА не е предвидено РКЕ да ја определува цената на ЛПГ. Инаку, ЛПГ како прв продукт при производството на нафтата логично е да ја следи цената на нафтата на берзите. Претпоставувам дека и трговците кои работат со ЛПГ ја следат цената на нафтата и го користат овој период да дојде до зголемување на малопродажната цената иако и нивниот влезен импут е зголемен, бидејќи цената на нафтата е во пораст на светските берзи, посочи Бислимовски.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/10/2018 15:23