Две приказни на Ернест Хемингвеј напишани во 50-те години од минатиот век, првпат ќе бидат објавени следната година, соопшти управителот на Книжевната архива и оставина на Хемингвеј, Мајкл Катакис.

Имено, тој за американските медиуми изјави дека написите насловени „The Monument” и „Indian Country and the White Army” ќе бидат вклучени во новото издание на „За кого бијат камбаните“ од Хемингвеј (For Whom the Bell Tolls: The Hemingway Library Edition) најавено за летото 2019 година.

Неофицијални информации говорат дека Катакис на својот издавач Чарлс Скрибнер му рекол дека овие две досега необјавени приказни се контроверзни и „по малку шокирачки“, оти говорат за „нерегуларни одреди и борби, и луѓе кои навистина убивале“. Хемингвеј во 1956 година напишал вкупно пет есеи засновани на сеќавањата од времето кога тој бил учесник и известувач за Втората светска војна.

Катакис, неделава ќе ја издаде и биографијата на Хемингвеј, а заедно со Патрик Хемингвеј, синот на познатиот писател, работеа на преиздавање на неколку негови дела.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/10/2018 16:50