Демократскиот гувернер на државата Њујорк, Ендрју Куомо, изјави денеска дека сомнителна експлозивна направа била испратена и во неговиот кабинет, со што стана уште едно име на листата демократи, на кои им беа испратени такви закани кои ги осудија и републиканските челници и Белата куќа.
– Не би ме изненадило да се појават и други експлозивни направи, додаде Куомо по испраќањето низа потенцијално експлозивни пакети до истакнати демократски челници и до Си-Ен-Ен.
Нешто подоцна, сомнителен пакет бил адресиран и до демократската пратеничка Максин Вотерс, јави Еј-Би-Си.
Испраќањето сомнителни пакети го осуди републиканскиот претседател на Сенатот, Мич Мекконел по испраќањето потенцијално експлозивни пакети до поранешниот демократски претседател Барак Обама, поранешната државна секретарка Хилари Клинтон и до мрежата Си-Ен-Ен.
– Го подигам својот глас заедно со сите Американци и го осудувам обидот за домашен тероризам што се случува денеска, напиша Мекконел во соопштение.
И лидерот на републиканците во Претставничкиот дом, Стив Скалис остро го осуди испраќањето такви пакети, неполни две недели пред изборите за Конгресот на 6 ноември.
– Нема да трпиме обиди за тероризирање јавни личности. Одговорните за такви закани мора да бидат изведени пред правдата, напиша тој на Твитер.
Американскиот претсеадтел Доналд Трамп бил известен за сомнителните пакети.
– Тие закани на терор се вредни за презир и кој и да стои зад тоа ќе биде повикан на одговорност, изјави портпаролката на Белата куќа Сара Сандерс.
Федералната служба задолжена за заштита на поранешни претседатели и нивни семејства соопшти дека денеска открила два пакета со „потенцијално експлозивни направи“ наменети за Хилари Клинтон и Барак Обама, два дена откако кај имотот на Џорџ Сорос, познат демократ, беше пронајдена рачно направена експлозивна направа.
– Тоа е јасен чин на терор во обид да се намали нашата слобода на говорот и на челниците на државата со такви насилни потези, рече градоначалникот на Њујорк, Бил де Блазио.
Полицијата на Флорида денеска соопшти дека води истрага во врска со „сомнителен пакет“ пронајден во близина на канцеларијата на американската конгресменка Деби Васерман Шулц, поранешна претседателка на националниот одбор на Демократската партија.
Засега никој не презеде одговорност за испраќањето на тие пакети. Белата куќа веднаш ги осуди тие „одвратни“ закани.
Канцеларијата на демократската сенаторка на Калифорнија, Камал Харис накусо беше евакуирана денеска во Сан Диего откако во близина биле откриени „сомнителни пакети“, но тоа подоцна се покажа како лажна тревога.