Претседателот на САД Доналд Трамп изјави дека во Америка нема место за закани со политичко насилство. Тој притоа вети целосна истрага за сомнителните пакети испратени на познати политички личности во САД.

– Целата сила на нашата Влада ќе биде искористена за оваа истрага и за изведување на одговорните пред лицето на правдата. Нема да штедиме на ресурси и трошоци, рече Трамп.

Тој им порача на Американците дека „сега е време кога мора да се обединиме“.

Првата дама на САД, Мерланија Трамп порача дека ги осудува „сите облици на закана и насилство“ и се заблагодари на безбедносните служби за „херојските напори“.

Вчера сомнителни пакети, некои од нив и со бомби, беа испратени на семејството Клинтон, на поранешниот американски претседател Барак Обама, во седиштето на Си-Ен-Ен во Њујорк, компанијата „Тајм ворнер“, како и на многу други, пред се противници на Трамп.

Два дена претходно слична пратка беше испратена и на милијардерот Џорџ Сорос.

Во инцидентите, никој не е повреден.

Засега никој не презеде одговорност за испраќањето на сомнителните пакети, но извори блиски до сојузната полиција сметаат дека тоа би можело да биде „координирана акција“.

Пакетите се испратени во пресрет на кампањата пред парламентарните избори закажани за 6 ноември во САД, на кои Демократската партија се надева дека ќе освои мнозинство во двата дома на Конгресот, со што ќе може да и парира на администрацијата на Трамп.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/10/2018 10:03