Компаниите снабдувачи со електрична енергија најдоцна до 3 декември треба да аплицираат на јавниот тендер за избор на универзален снабдувач со електрична енергија што Владата го распиша во септември, согласно новиот Закон за енергетика.

-Тендерот за избор на универзален снабдувач го распиша Владата, а Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) нема информации кои од снабдувачите се заинтересирани да се пријават на огласот. Ние само бевме должни да ги подготвиме критериумите врз основа на кои требаше да се распише тендерот и да ги доставиме до Владата. Пред да ги доставиме критериумите до Владата организиравме неколку заеднички состаноци со снабдувачите со цел да им ги претставиме критериумите и да ги чуеме нивните забелешки и на тој начин да ги подобриме критериумите. Дадените забелешки ги инкорпориравме и ги доставивме до Владата. Од тој момент до сега Владата го води тој процес, изјави претседателот на РКЕ Марко Бислимовски.

Тој посочи дека до назначување на новиот универзален снабдувач таа обврска ќе ја врши ЕВН Македонија со цел, како што рече, да се обезбеди сигурност во снабдувањето со електрична енергија на сите потрошувачи и согласно Законот за енергетика.

Ако никој не се пријави на огласот со Законот се предвидени повеќе начини, меѓу кои и обврската за објавување на уште еден тендер, како и РКЕ да и предложи на Владата како да постапува во натамошната постапка, односно дали ќе оди со уште тендер или ќе се прават консултации со одредени снабдувачи, рече Бисмиловски и додаде оти се надева дека на тендерите ќе се јават снабдувачи на електрична енергија.

Како што посочи, во Македонија во моментов се активни осум снабдувачи со електрична енергија кои активно продаваат на потрошувачи, а се издадени преку 20 лиценци за снабдување со електрична енергија.

-Сите предуслови за конкурентен пазар на електрична енергија веќе постојат во Македонија. Ние сме единствена земја во регионот во која има осум активни снабдувачи со електрична енергија, а и нашиот процент на реална либерализација е највисок во регионот, посочи Бислимовски.

Потенцира дека карактеристично е што Македонија е единствена земја во регионот каде приватна компанија која не е произлезена од поранешното вертикално интегрирано претпријатие е најголем снабдувач со електрична енергија на пазарот.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/10/2018 11:55