Одборот на британскиот Парламент денеска соопшти дека јавниот сервис Би-Би-Си не ја исполнил својата обврска еднакво да ги плаќа мажите и жените за исти работни места.

Во соопштението на парламентарниот Одбор се наведува дека во Би-Би-Си системот на плати е заснован на „опасен систем на дискрециско право на менаџерот“.

Би-Би-Си настојува да го реши овој проблем кој се актуелизира во јавноста кога Кери Грејси поднесе оставка на местото уредничка на редакцијата за Кина во знак на протест поради разликата во платата на основа на полот.

Јавниот сервис притоа призна дека таа била платена помалку од што требало и се согласи да изврши уплата во Фондот за полова рамноправност.

Парламентарниот Одбор исто така оцени дека „нечесната“ политика на Би-Би-Си ги принудува вработените да работат преку приватни агенции за вработување, со што се соочуваат со големи сметки за неплатени даноци.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/10/2018 16:28