2018 година е економски изгубена година за Македонија, смета даночниот советник Павле Гацов. За него е нереален економскиот раст од 2,8 проценти и не очекува истиот да се достигне.
– Се уште не се свртени сите светла кон економијата, политичката криза ќе значи пропуштени шанси. Оттука сметам дека и 2018 година е изгубена година. Искрено се надевам дека после политичките превирања, конечно политиките ќе бидат посветени на раст и развој на економијата, вели Гацов во вечерашната емисија „Отворено на Алфа“.
Според него, Владата мора да ги спроведе судските реформи за да влезат странски инвестиции. Правдата, правото, правниот систем се многу важни за странците, вели Гацoв.
- Најдобрите амбасадори за странски инвестиции се самите странци кои веќе инвестирале во земјава. И секој потенцијален нов оди прво кај нив и прашува колку тие се задоволни од правната заштита во земјава, нагласува тој.
Во контекст на планирањето на капиталните инвестиции, Гацов вели дека лош план значи и лоша реализација.
– Оттука е неопходно да постои посебно тело за надзор, за сите јавни набавки. На терен не се работи без сериозен план, а сериозноста недостасува, додава Гацoв