Австриската министерка за надворешни работи, Карин Кнајсл, во интервју за германски медиум изјави дека Европската Унија треба да престане да и продава оружје на Саудиска Арабија.

Како што јави дописничката на МИА од Брисел, Европскиот Парламент вчера изгласа резолуција во која, исто така, ги повика земјите членки на ЕУ да воведат вакво ембарго, како реакција за убиството на новинарот Џамал Кашоги.

Кнајсл оцени дека ембаргото би можело да помогне да се стави крај и на војната во Јемен, каде Саудиска Арабија води воздушни напади врз шиитската група на Хутите. Во оваа војна, која започна во 2015, до сега загинале над десет илјади луѓе.

Според Амнести Интернешнл која ја документира војната во Јемен, саудиските воздушни напади убиле и повредиле цивили и уништиле домови, училишта, болници и пазари.

Амнести го поздрави гласањето во Европскиот Парламент по, како што рече, долг молк од страна на меѓународната заедница.

Повик за ембарго дојде и од Германија, меѓутоа двете главни европски земји кои извезуваат оружје во Ријад, Франција и Велика Британија, се подискретни во своите осуди.

Францускиот претседател, Емануел Макрон порача дека е подготвен да разгледа меѓународни санкции против одговорните за убиството на Кашоги, но не се изјасни за ембарго врз продажбата на оружје. Минатата година беше склучена француско-саудиската зделка за оружје во износ од милијарда и половина евра.

Британската премиерка, Тереза Меј, од своја страна ја повика Саудиска Арабија да соработува со Турција во истрагата за убиството на Кашоги.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/10/2018 11:20