Градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски денеска пред бизнис секторот, кои имаат производствени капацитет во неколкуте индустриски зони им го презентираше проектот за изградба на секундарна гасификациона мрежа.
Во тек е изработката на техничката документација, односно на идејниот проект за мрежата долга 20 километри, а денеска завршува и тендерската постапка за избор на најповолен понудувач за инфраструктурниот проект. Тој забележа дека интерес за приклучување на гасоводната мрежа има од страна на Технолошката индустриска зона, државните и локалните институции и од универзитетот „Гоце Делчев“-Штип.
-Денеска ми е многу важно да го слушнам бизнис секторот, односно дали и колку е заинтересиран за да се приклучи на гасоводната мрежа. Секоја од компаниите која има свој претставник, но и оние кои неможеле да присуствуваа ќе имаат можност да дојдат овде и да земат формулар, кој што е енергетска картица, за да ги достават своите потреби, за тоа колку би го користеле гасот во идниот период, доколку се приклучат, вели Бочварски.
Тој забележува дека до крајот на годината ќе се изготви идејниот проект, а очекува инфраструктурниот проект да биде готов до крајот на февруари 2019 година.
-Ние потоа можеме и веднаш да почнеме со гасифицирање. Моделот е исто така многу важен, дали Јавното претпријатие на Општина Штип ќе стопанисува и ќе работи со приклучување и изградба на гасификационата мрежа или ќе бараме концесионер. За мене како градоначалник, имајќи ги во предвид сите информации, околу оваа проблематика, за мене најдобро ќе биде да бараме концесионер, којшто ќе ја гасифицира општината и потоа ќе наплаќа за количните на гас. Но, сите модели и опции се отворени. Доколку не најдеме концесионер, ние со нашето јавно претпријатие ќе влеземе во инвестицијата, рече Бочварски. Очекува веќе на пролет да биде ставена и првата цевка од секундарната гасификациона мрежа. Турскиот бизнисмен Рахми Каја, кој веќе 15 години има фабрика во индустриската зона „Македонка“ вели дека 10 години го користи гасот во своето производство. -Изградбата на гасификациона мрежа е добро за мојот бизнис, сега имам проблеми со набавката на гасот, но кога тој ќе биде тука донесен до мојата фабрика ќе немам проблеми. Со користење на гасот се намалуваат и трошоците за производство, вели Каја. Штипските бизнисмени треба да се изјасни во текот на наредните денови дали ќе ги приклучат своите објекти на секундарната гасификациона мрежа.