Повеќечлена делегација на збратимениот град Дрезден, Германија, деновиве престојува во официјална посета на Скопје. Делегацијата е составена од заменик-градоначалникот на Дрезден задолжен за ред и безбедност, Детлеф Сител, командантот на Противпожарната бригада на Дрезден, Андреас Румпел, советникот за заштита од пожари и од катастрофи Михаел Катц и претставничка од Одделението за меѓународна соработка на Дрезден, Регин Крамер.
За време на престојот делегацијата посети повеќе средни училишта во Градот Скопје и повеќе бази на Противпожарната бригада на Скопје, а во текот на посетата остварени се и голем број официјални средби.
Вчера делегацијата од Дрезден оствари средба и со заменик-градоначалникот на Град Скопје, Енвер Малиќи, како и со поголем број претставници на градската администрација. Се дискутираше за досегашната соработка меѓу Скопје и Дрезден, како и можноста за нејзино продлабочување, пред се, во областа на културата, економијата, образованието, противпожарната заштита и туризмот. Една од темите на разговорот беше и кандидатурата на Скопје во 2028 година да биде Европска престолнина на културата, бидејќи Дрезден аплицира за оваа титула во 2025 година. Стана збор и за размена на искуства од аспект на организација и подготовки за овој голем настан, како и за подобрување на соработката на културните институции од двата града.
Се разговараше и за активностите во рамки на европскиот проект MAtchUP, кој е проект за „паметен град“ (Smart City) во кој учествуаат и Скопје и Дрезден. Преку овој проект финансиран од Европската програма за истражување и иновации Хоризонт 2020, градовите ќе дизајнираат и имплементираат палета иновативни решенија од областа на енергетиката, мобилноста и ИКТ, кои ќе се користат како модел на урбанистички трансформации за други градови во Европа и пошироко.
Скопје и Дрезден се збратимени од 1967 година и имаат успешна соработка на полето на културата, образованието и спортот, како и размена на искуства во противпожарната заштита.