Со намалување на политичката неизвесност во Македонија се олеснува имплементацијата на планираните реформи во петте столбови: економски раст, реформи, услужни институции, едно општество за сите и членството во НАТО и ЕУ, рече денеска министерот за економија Крешник Бектеши на конференцијата „Балканот и Европската Унија-Петогодишен циклус на Берлинскиот процес“ што се одржува во Будва.
Бектеши имаше излагање на панел дискусијата „Регионална соработка како сегмент на европските интеграции: економијата-генератор на севкупниот развој“, заедно со другите министри од регионот задолжени за економски прашања.
-Се промени и економскиот курс на државата. Меѓународните извештаи нотираа напредок во неколку приоритети, меѓу кои и подобрување на фискалната транспарентност, зголемена доверба на инвеститорите и приливи на странски инвестиции, зголемување на економскиот раст после стагнацијата во 2017 година. Јавниот долг на Македонија е оценет како умерен во глобален контекст. По девет години имаме негово намалување на годишно ниво како резултат на зголемување на довербата на инвеститорите значително е намалена каматната стапка на државните хартии од вредност. Македонија е прва земја во регионот која воведе гарантиран минимален приход, a паралелно со поддршката за раст на платите, Владата го поддржува и техничко-технолошкиот развој на компаниите за зголемување на продуктивноста преку мерките од Планот за економски раст, но и евтини кредити од ЕИБ, за да ги поддржи инвестициите во нови капацитети и опрема, истакна Бектеши.
Напомена и дека во првото полугодие од оваа година е забележан рекорден влез на странски директни инвестиции во Македонија од 327 милиони евра, што е 218 отсто над просекот од последниве три години, раст на извозот има и од технолошко индустриските развојни зони за 17 отсто во споредба со ланскиот период и во првите шест месеци изнесува, една милијарда евра, додека вкупниот извоз е 1,5 милијарди евра.
-Стапката на невработеност е намалена на 21,1 процент што е историски најниско ниво досега, зголемена е наплатата на даноци за осум отсто во споредба со истиот период минатата година, а повратот на ДДВ кон компаниите се одвива навремено и неселективно. Од почетокот на годината заклучно со август во стопанството по овој основ вратени се вкупно 250 милиони евра. Тоа е силен поттик за приватниот сектор како главен двигател на економијата, објасни Бектеши, додавајќи дека со подобра соработка и зајакнување на врските меѓу економиите во регионот, согласно Берлинскиот процес, се создава потенцијал за нови вредности, нови заеднички понуди на производи за вклучување во глобалните ланци на вредности, глобалните ланци на добавувачи, нов прилив на инвестиции.
Во однос на активностите кои произлегуваат од Акцискиот план поврзан со проектот за создавање регионална економска зона, Бектеши го претстави, како што рече, значителниот напредок на Македонија во четирите важни области: укинување на пречките за трговија, инвестиции, мобилност на одредени професии и признавање квалификации, како и дигитална агенда со што земјите се приближуваат до крајната цел – економски раст во регионот и финализирање на евроинтеграцискиот процес на земјите.
Министерката за економија на Црна Гора, Драгица Секулиќ, потенцираше дека нејзината земја и покрај јавниот долг, се концентира на капиталните инвестиции, а според министерот за економски развој на Косово, Валдрин Лука, наспроти растот на БДП-то од 4,1 отсто и нискиот јавен долг, невработеноста е се уште предвизвик на кој треба да се работи во наредниот период.