Европскиот комесар за економија и финансии, Пјер Московиси, во изјава за француска телевизија, реагираше на инцидентот со италијанскиот европратеник, Анџело Чока, што се случи во вторникот во Европскиот Парламент.

Веднаш по завршувањето на прес конференцијата на која комесарот Московиси најави дека формално е отфрлен италијанскиот буџет, европратеникот Чока, член на владејачката партија од екстремна десница „Северна Лига“, го собу својата чевел и ги „погази“ документите на комесарот.

– Тој е кретен, провокатор, фашист, неговиот гест беше гротеска, изјави Московиси денеска одговарајќи на новинарско прашање за инцидентот.

Според него „кога почнувате да се служите со насилство против институциите, кога почнувате да ги газите правилата, вклучително и со чевел, се случува еден вид бавно скршнување кон тоа што се нарекува либерална демократија“.

– Тоа значи непочитување на слободата на медиумите, слободата на судството и на политичките институции. Тоа е навистина политика што ја мразам и тоа се луѓе против кои ќе се борам до мојот последен здив, порача Французинот.

Во вторникот Европската Комисија првпат во својата историја отфрли национален буџет оценувајќи ги италијанските буџетски планови како „девијација без преседан“ од европските правила.

Гестот на пратеникот Чока беше осуден и од самиот министер за внатрешни работи на Италија и лидер на Северната Лига, Матео Салвини кој порача дека „Европската Унија не се менува со провокации“.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/10/2018 17:18